Причините за имање повеќе деца во минатото се прилично едноставни
- потреба од работна сила:
И тоа евтина, многу послушна работна сила. Земјоделците и сточарите биле убедливо најбројни порано, барем на овие балкански простори. Селското население било многу побројно од градското. Орање, копање, жнеење, садење, берење. Некој требало и за стоката да се грижи, и за куќата. Секогаш имало потреба од работен човек повеќе, а најдобро е кога тој е дете на домаќинот, кое нема да се буни и неуморно ќе работи уште од 10 годишна возраст. Храна, во зависност од плодноста на земјата, најчесто имало доволно. Главата на семејството го правел она што од секој родител се очекувало - ги облекувал, ги хранел и ги гледал децата, а во замена имал работници кои работат за џабе, секогаш и секаде. А тие секако работеле повеќе отколку што трошеле.
- големата смртност:
Разни чуми, епидемии, војни и елементарни непогоди, во недостаток на развиено здравство, често го десеткувале населението. Поповите, оџите и бајачките немале којзнае каков успех. Имањето многу деца ја зголемувало можноста барем некои од нив да преживеат. Мојот прадедо имал 11 браќа и сестри. Преживеал само тој и сестра му.
- контрацепција?
Не била потребна тогаш. Пожелно било да се има што повеќе деца. Најголемиот дел од населението не ни можел да се надева на поквалитетно или на било какво образование, па на заштита од ваков тип ќе му ја мислел. Основните потреби биле поедноставни, дете плус незначително ги менувало количината и квалитетот на храната, а и облеката на пораснатите деца можел да ја носи и некој друг. Повеќето живееле така.
- воспитување и родителска грижа?
Изгледа дека од многубројните семејства тогаш најчесто произлегувале прилично стабилни, нормални личности. Се чини дека социјализацијата си го правела своето. За децата се грижеле, освен родителите, бабите и дедовците (најчесто живееле заедно), и многу почесто отколку што очекувате, нивните не толку постари браќа и сестри. Тогаш работните обврски биле во домот, околу домот или на нивите во близина на домот, и најчесто се вршеле заеднички - работеле и биле заедно и децата и родителите и родителите на родителите.
Денес имаме далеку поинаква состојба.
Смртноста е намалена.
Градското население, кое е сега најбројно, нема потреба од многу деца, на кои ќе мора да им обезбеди какво-такво образование, пристојна облека, простор за живеење (во градот животниот простор и не е така широк), квалитетна здравствена заштита, храна која мора да се купи, вода која мора да се плати, скапо греење, и доста финансиско вложување за да може на децата да им се обезбеди што подобра иднина, подобро детство и сл. Порано шеќерчињата биле сосем ОК, а за некакво чоколадо и да не зборуваме. Уште порано, новите опинци биле голема работа. Денес се сака нова облека, Iphone 6 или нешто приближно до тоа и ред други повеќе или помалку неопходни работи.
Работните обврски се надвор од семејното опкружување. Работат и двајцата родители. Бабите, дедовците најчесто не живеат со своите деца (неретко живеат и на други места, во други градови или села).
Дури и населението што живее и работи в село, поради тешките услови е принудено да мисли на градот, или барем на друга работа, за која треба школување и дополнително инвестирање. Нивата и овците одамна не се идеална можност за квалитетен, нормален живот.